Некој мечтае за чист воздух, друг за решавање на корупцијата и непотизмот, трет за многу насмеани луѓе и трошка надеж. А сите на крајот на денот мечтаат Македонија да биде попристојно место за живеење во 2025 година. Ги замоливме пријателите и поддржувачите на „Замисли“ и „Солуција“ што дојдоа на нашата мала предновогодишна дружба да запишат анонимно на картичките во различни бои што им го поделивме, по една или неколку свои желби и пораки до властите за во новата година. Потоа со картичките ја украсивме новогодишната елка, а после коктелот седнавме да видиме кој што напишал.
Прво, тоа што најмногу нѐ боли сите. Желби за чист воздух, зелени улици, подобар транспорт, подобро здравство, подобро образование. Дузина картички беа со овие пораки. „А замисли да имаме пречистителна станица на Вардар, па Вардар чиста река, околу неа луѓе среќни весели, а градот убав!“, напишал некој. „Замисли да има правда, да има чист воздух, да има мир“, посакал друг. На некого пак не му е доволно чистиот воздух, па посакал и „убави жени“ заедно со него. А, кога сме кај жените, имавме и желба за “држава во која родовата еднаквост ќе се унапредува, а не уназадува“. Легитимно, поздравуваме.
За сите овие желби и замисли да се остварат, потребни ни се лидери што нема да мислат само на својот личен интерес, туку ќе се трудат да сработат нешто и за јавниот. „А да престанете да крадете?!“, кратко и јасно порачал некој. Корупција и злоупотреба на функциите насекаде и ниту срам, ни перде. Неодговорност и неказнивост на најјако. Па затоа имаше и порака до оние од „горе“ да го „вратат срамот во општеството“.

Друг, пак, напишал „Замисли Артан да го вратат“. Замислуваме и ние, ама со оглед на досегашната пракса за (не)враќање во земјава на побегнатите криминогени високи политичари, слаба ни е надежта. Но, никако не смее да ја снема. А, партиите може да ги снема, тука не се буниме. Како што некој, очигледно премногу лут на нив, напишал „Да ги снема ВМРО и СДСМ!“, а некој истомисленик бил малку поблаг кон социјалдемократите, па напишал „Македонија без ВМРО“.
Во ред, ако не е можно општество без партии, тогаш барем нека ги тргнат своите раце од таму кај што не треба да ги ставаат. Па затоа еден од нашите пријатели замислува „2025 да биде година на департизација на здравството и образованието“, а друг посакува „вистински луѓе на вистинските места“ и им порачува “Пораснете! Партијата не е државата. Власта што ќе го научи тоа ќе води, а нема само да владее.“
Една од штетите што ја прават политичките партии е и поларизацијата на општеството, па затоа и не чуди замислата за „Македонија на сите, без поделби, без наши и ваши“. Имавме и поуниверзални пораки од типот „Меѓучовечките односи да бидат многу подобри, мир во Македонија и во светот, добро здравје за сите добри луѓе“. Мир брате/сестро и со тебе.
Некои од нашите пријатели си напишаа и по неколку желби и замисли, па имавме порака „четири во едно“: „Да имаме ГУП-ови и ДУП-ови без желбите на другарчињата на политичките партии; вистинска дигитализација со која добиваш точни документи; секој што е на власт да ја љуби земјава; да не ги знаеш имињата на политичарите и сѐ да функционира беспрекорно.“
Или пак концизно срочената порака, а многу длабока и суштинска: „Системски промени за функционален систем, еднакви права и можности за сите. Визија каде сакаме да стигнеме, кои ресурси ни требаат за таму да стигнеме, кои се стратешките цели кон ‘големата иднина’, и кој е планот во чекори.“
Секако, тука и се желбите за подобар животен стандард, односно, „држава во којашто ќе заработува доволно за да може не само да се прехрани, туку да си дозволи и театар, кино, па и годишен одмор.“
Сѐ на сѐ, пораки, желби и замисли коишто искрено и ги очекувавме од пријателите и поддржувачите на „Замисли“, граѓанската сила којашто се бори за општествени промени, за вистински луѓе на вистински места, за систем што е ист и за “нашите“ и за “вашите“ и за „ничиите“, за ангажирано граѓанство, за евроинтеграции како поддршка на реформите, а не како флоскула за лошо владеење, за чиста животна средина, за социјална правда и борба против сиромаштијата, за функционално здравство, за квалитетно образование… со еден збор, ЗА САГЛАМ ДРЖАВА!
Им благодариме на сите за искрените желби и пораки, нека ви е среќна и бериќетна 2025 година!





























Напишете коментар