„Кажи си ја маката“ и во Скопје – потребен е граѓански притисок за решавање на проблемите

Граѓанската сила „Замисли“ после неколку отворени трибини во градовите од внатрешноста, организираше дебата и во Скопје – граѓаните  и активистите дискутираа за најгорливите проблеми со коишто живеат, но бараа и решенија.

Секое место во Македонија си има свои локални маки и предизвици, некои градови или села споделуваат и  заеднички неволји, но заедничкиот содржател и всушност корените за сите проблеми на граѓаните се познати: корупцијата, партизацијата, клиентелизмот, односно погрешни луѓе на одговорните места. Затоа, излегувањето од своевидната апатија на граѓаните и нивниот активизам и притисок се и тоа како потребни за помрднување на работите од мртва точка, односно постигнување макар и на „мали победи против аномалиите во системот“.

Ова се клучните поенти од отворената дебата со граѓаните, „Кажи си ја маката“, што Граѓанската сила „Замисли“ ја организираше во Скопје во просториите на КСП „Центар Јадро“. Познати граѓански активисти и експерти во своите области, меѓу кои и поддржувачи на „Замисли“, продискутираа прво за неколку клучни проблеми со коишто се соочуваат граѓаните во секојдневниот живот, пред да се развие и искрена и слободна дискусија со присутните на настанот.

Даница Павловска – Циги, архитект и граѓански активист, во своето обраќање симболично насловено “Скопје радост ти ќе бидеш – за градот помеѓу мирисот на липите и исцедокот од контејнерите“, се осврна на генезата на урбанистичкиот развој на Скопје и причините зошто денеска метрополата се наоѓа во незавидна ситуација со мноштво проблеми. „Првиот закон за урбанистичко планирање во независна Македонија внесе многу либерален однос кон инвестициите и градењето, но и потреба од контролни механизми, што за жал гледаме дека не функционираат како што треба. Наш човек кога ќе ја осети слободата, станува безобразен и лаком, и затоа го доживеавме сето ова урбанистичко дивеење“, истакна Павловска.

Блаже Јосифовски, од еколошката организација „Go Green”, ги спореди состојбите во еколошкиот активизам од пред 10-15 години со сегашните, сметајќи дека има извесен напредок. “Граѓаните сега појасно артикулираат што бараат и поефикасно можат да го канализираат својот протест против корпорациите или централните и локалните политики што загрозуваат некои нивни интерес, односно основни човекови права за чист воздух, вода и сл. Имаме активистички групи и по селата, коишто и не се формално-правно организирани во невладини здруженија, но се борат нешто да направат за својата заедница“.

Универзитетскиот професор и лекар-токсиколог Нико Беќаровски, преку „Операцијата успешна, пациентот мртов“, ја опиша состојбата во македонското здравство, коешто според него доживува тотална деградација. „Во моите 30 и кусур години лекарска и професорска работа, никогаш не било полошо. Ги губиме најквалитетните млади кадри, царува просечноста, партизацијата и непотизмот, едноставно како држава не знаеме каде тераме, а светот почна веќе да отвора целосно роботизирани болници. Сѐ трга од образованието, а ние го деградиравме и тоа.“, истакна професорот.

Бленди Ходаи, активист уште од своите средношколски денови, денес директор на “Форумот за образовни промени“, смета дека трагедија е што државната стратегија за образование, практично за иднината на ова општество, зависи од политичките одлуки на секоја една влада, а не е конзистентен сет на политики, како во држави од типот на Словенија и др. Попусти се десетките во индексот, ако иднината на младите е во куферот што го спремаат за бегање одовде, метафорично се изрази Ходаи.
„Уште еден проблем е што луѓето од апатични веќе станаа цинични. Па сѐ почесто добивам забелешки од типот ‘попусто е сѐ што правите, нема ништо да се смени’. А, имавме доста причини да не бидеме апатични: Да ги спомнам само Кочани, Онкологија, Беса-турс, Дурмо-турс, модуларната во Тетово…“.

Никола Писарев, долгогодишен граѓански активист и поддржувач на „Замисли“, преку паролата „Активизмот е мртов, да живее активизмот“, ја опиша моменталната состојба во сферата на граѓанските движења и организации. „Точно е, во своевидна апатија сме, со мали ‘островчиња’ на некаква активност, чекајќи нешто да се случи, за да се активира поголема енергија. Активизмот е во суштина реактивен, му треба ‘тригер’, провокација, опасност, закана. Добро е што во активизмот секогаш опстојуваат тие јадра од по неколку луѓе што не може да ги скршиш лесно, но тие мали јадра во нашиот простор се некако затворени, тешко комуницираат меѓусебно“.

SHARE

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *