Фото: ТВ Телма

Нова година, светкави елки и шарени зелки…

Автор:
Никола Писарев, поддржувач и активист на „Замисли“

Пред неколку дена како стар аеродромец кој еве скоро пет децении живее во Аеродром отидов да го видам Зимоленд, уствари Зимзоленд или Земоленд или како и да е, не е важно. Одејќи натаму и погодувајќи го името – те земоленд, зимзоленд или зимоленд се сетив на чехословачкиот цртан филм за момчето Бохоушек, всушност Бохоуш, поточно Бохумил (со меко х и л ) кого сѐ го радувало и затоа го викале Радован (Радувањата на Радован) и едноставно секогаш било среќно (или барем така нѐ учеше источноевропскиот агитпроп).

Одејќи така Радовановски расположен накај зимо – што и да е – ленд,  за момент навистина почувствував во себе некаква радост, дека, ете некој направил нешто убаво, за да се почувствува тој новогодишен дух на надеж, на нови почетоци, на зближување, на светкави елки и шарени зелки.

Арно ама,  во Македонија (кај нас секогаш има некое – арно ама) кога стигнав – што да видам – зимзоленд да ти бил панаѓурленд.

Распослани некакви рингишпили, вртелешки и тезги ко на “селски вашар”.

На центарот на панаѓурот некаков ролеркостер “за сиромашни”, од “Али експрес”, до него онакви колички на батерии, со криви антени, како картинг од ‘78- ма,  а подолу некаков чуден воз за деца, на кој повремено некој вагон му испаѓа од шините и почнува да искри, а еден чичко се стрчува и набрзина го мести.

На другата страна на паркингот на патот кој води накај новиот мост (јас го викам мост „Македонија“ бидејќи не води никаде и не служи за ништо, ама постои), кај салата МЗТ, наредени тезги со скари, пијалаци и крофни, оние крофни што ве умирисуваат следните 4 дена оти ги пржат во зејтинот купен уште во времето на Анте Марковиќ.

Горе на платото пред МЗТ салата наместена некаква за греота елка и неколку пара сијалички, мноштво бели коњопои, а надреалистичката атмосфера ја дополнува диџеј, кој пушта некаква пристојна музика, но и самиот најверојатно се чуди кај дошол, што прави и што да прави.

Сѐ на сѐ – атмосфера сретсело 1987, нема да речам паланка, затоа што баш Крива Паланка во Македонија поставува стандарди за украсување за Нова година, но и за организирање на јавните простори.

Се проврткав, погледнав со натажени очи и полека се оддалечив, отидов по Вардар, накај плоштад, ај да видам што има таму. На плоштад атмосфера на новогодишен парастос од филмовите на Кустурица, фалат само Перхан и неговата гуска, некои мајстори неволно  ги растегнуваат сијаличките, наоколу по некоја петарда и полу босоноги деца кои како од Андерсеновата бајка продаваат светлечки балони за да преживеат сонувајќи за вистинска елка, светулки, топол дом со вклучена струја и Перхановата гуска.

Сѐ на сѐ – страшно и тажно, дури и да ја занемариме Нова година и да го баталиме украсувањето, се поставува прашањето – кој и зошто ни пласира нешто грдо.

Не, не е поентата зошто градот не е украсен туку зошто е толку грдо украсен. Многу подобро е да не е украсено, отколку да е грдо половично и без план.  Елитите (во нашиот случај општинските и градските) треба да поставуваат стандарди како треба се прави и да се средува заедницата.

Нивната улога е да го обликуваат просторот, вклучително и за Нова година и да пружат естетски вредности, односно естетски “доживелици” на граѓаните. Тоа значи да им покажат на луѓето/граѓаните како треба да се уредува јавниот простор, како треба да се планира и организира и како треба да изгледа нешто убаво.  Тогаш луѓето/граѓаните, поведени од естетската доживелица, односно од чувството на убаво, не само што ќе бидат среќни туку тоа чувство на убост-убавост ќе го реплицираат и на други полиња во работата, домот, во заедницата.

Е сега, ако граѓаните гледаат анти- естетика, грдост и панаѓуризација на јавниот простор, па и јавната сфера и тие така се однесуваат во градот – фрлаат ѓубре и кршат наоколу, плукаат по улиците и газат врз плуканиците, биваат лесно раздразливи, незаинтересирани за општото добро, стануваат груби кон блиските и кон другите, нетолерантни и  себични.

И така добиваме панаѓуризација на вредностите во општеството, но и на самото општество, што пак го поставува прашањето – дали всушност панаѓурот ни е средство, или пак ни е цел.

Како и да е, оние кои ги носат одлуките,  треба да знаат дека ако панаѓурот им е средство, тогаш општество го базираме на шарени лаги, измислени светови, прегорени крофни, измами, “купи ден помини” тактики и „кој забије тај добије“, а ако пак панаѓурот е цел кон која се стремиме (што е уште пострашно ) тогаш добиваме бесконечно вртење во круг на селскиот рингишпил, кој кога ќе замине во друг град или село, зад него останува само правлива полјанка.

На крајот, кога ќе ја видиме новогодишната атмосфера низ Скопје, сосема е разбирлив чинот на елката пред ТЦ Бисер, која пред неколку дена се самозапали во знак на протест не само против грдо украсениот град, туку и против панаѓуризацијата на целото општество, кое повеќе од 30 години се врти на селскиот рингишпил, викан Македонија.

SHARE

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *