
За само неколку дена веќе добивме преку 20 дописи со сведоштва за партиски влијанија, непотизам и корупција при вработување на здравствените работници.
Ангажирани во време на ковид пандемијата, кога на македонското здравство му беше најтешко, за да на крајот, после илјадници часови и неброени дежурства поминати во помагање на болните, да бидат отпуштени, и на нивно место вработени кадри одобрени од некој партиски штаб. Ова е судбината на голем број медицински сестри, болничари, но и лекари и други медицински професионалци на коишто им биле раскинати договорите на дело, иако со години им биле давани ветувања дека ќе добијат решенија за вработување на неопределено.
Дел од нив одговорија на повикот на Граѓанската сила “Замисли“ да пријават нефер вработувања во здравството, што го објавивме преку нашите социјални мрежи. За само неколку дена веќе добивме преку 20 дописи со сведоштва за партиски влијанија, непотизам и корупција при вработување на здравствените работници.
Нашата акција за крајна цел има промена на регулативата во делот каде што им се дава неограничено дискреционо право на директорите на здравствените установи при вработувањата нови кадри, со цел конечно да се постигне мерит систем при вработувањата, односно, вистински луѓе на вистинските места. Иако злоупотребата на ова дискреционо право најчесто е поврзана со вработувањата на лекари, сепак и медицинските сестри, лаборанти, болничари и останатиот персонал неретко се соочуваат со неправда кога станува збор за нивните работнички права.
Огромната партизација го деградира здравството
За ваков случај сведочи наша сограѓанка којашто иако била прва на списокот при конкурсот за вработување лаборанти во една болница од внатрешноста на земјава, не добила решение и сега е со договор на дело.
„Со преку 10 години работно искуство и прва на списокот, не ме примија. Во очи ми беше кажано од раководството дека за вработувањето е партиски одлучено“, вели лаборантката чијшто идентитет, како и на останатите протагонисти во сторијава, од разбирливи причини засега не го објавуваме.
Меѓу најчестите реакции што ги добивме од граѓаните се оние што сведочат за бескрајните продолжувања на нивните договори на дело во здравствените установи, при што оние „посреќните“ сѐ уште одат на работа со таков статус, а на останатите на крајот им го прекинале работниот ангажман.
„Од крајот на 2019 година бев примена со договор на дело преку проектот за патронажни сестри, потоа почна ковидот и бев распределувана секаде кај што имаше потреба. Цело време бев со договор на дело и кога заврши пандемијата, на 31.12.2022 заврши и мојот договор, иако претходно ни беше кажувано дека, меѓу другото, и поради нашиот придонес во борбата против ковидот, ќе добиеме решение за вработување. По прекинот на мојот договор на дело, а и на други како мене, беа ангажирани други лица, со амин на локалниот партиски штаб, коишто немаа поминато ниту еден ден среде пандемијата.“, сведочи една наша граѓанка од внатрешноста на Македонија.
Уште полошо искуство има една нејзина колешка, којашто ни пиша дека работела 16 години во болница во еден од поголемите градови од внатрешноста, прво примена преку младинска задруга, потоа без никаков договор, и на крајот со договор за волонтирање.
„Се случуваше и по повеќе месеци да работам без плата, додека постојано се примаа медицински сестри преку партиски врски. Работев прекувремено, во смени, дури и повеќе од оние што имаат редовно вработување, а сега немам ниту еден ден официјален работен стаж“, се жали нашата сограѓанка.
За огромната партизација на здравството потврда е уште едно сведоштво, исто така на медицинска сестра, којашто после четири години работа во болница без здравствено и пензиско осигурување, откако побарала од директорот да добие решение за вработување, тој и одговорил „да се обрати во локалниот општински штаб на партијата, за таму, да одлучат, бидејќи тоа сѐ преку партија одело“.
„Во нашиов (не)систем не се гледа дали некој има искуство за работата, колку е квалификуван и сл., туку најважно е што ќе кажат од партија“, вели резигнирано нашата сограѓанка.
Проблемот е многу покомплексен од само нефер практиките при вработување
Од она што го видовме од дописите на граѓаните, заклучокот е дека проблемот во македонското здравство е многу поголем од само нефер практиките при вработување. Во еден допис ни беше укажано за пример на невидена злоупотреба на директорската функција во здравствен дом во еден помал град од внатрешноста, каде што директорот всушност и не е квалификуван за таа позиција, затоа што нема ниту еден ден работен стаж во здравството.
„Веднаш откако ја презеде функцијата почна со незаконско работење, по диктат, се разбира, на општинскиот штаб на владејачката партија. Делење од ракав неосновани надоместоци на плата на вработени што се членови на партијата, прераспределување на вработените со цел да им се врши притисок и мобинг, затворање на цело едно одделение затоа што единствениот доктор во него го избрка од работа, злоупотреба на службеното возило за приватни потреби…сето ова е само дел од хаосот што се случува во нашата установа под раководство на овој човек“, велат група вработени.
И што е најтрагично во сета оваа ситуација, како што истакнуваат тие, за сите овие злоупотреби и неправилности е пријавено до надлежни инспекции, полиција, како и до ресорниот министер, но како по обичај, сите институции си ја „префрлаат топката“ едни на други без никаков ефект.
Меѓу дописите што ги добивме после нашиот повик, се истакнува и оној на група млади лекари, коишто како што велат, „во моментов работат како келнери и доставувачи на храна, за парче леб“.
Тие укажуваат на неправилности при вработувањето и изборот во асистент на една од скопските државни клиники, при што избраната личност е во роднинска врска со директорката на клиниката.
„По вработувањето, новоизбраната асистентка веднаш доби државна специјализација, што е преседан, почетничка со еден месец специјализација, а на клиниката има долгогодишни специјалисти коишто чекаат на ред за избор.“, велат младите лекари.
Имаме уште барем 15 примери, слични на овие што ги наброивме сега, за коишто подетално ќе пишуваме понатаму, а некои и јавно ќе ги објавиме, онаму каде што укажувачите ќе дадат согласност за тоа. Во секој случај, „Замисли“ и „Солуција“ продолжуваат со својата акција за системски промени во здравството.
„Кога пред неколку месеци ја стартувавме првата акција на граѓанската сила ‘Замисли’, фокусирана на законски измени за меритократија во процесот на вработување на младите лекари, ветивме дека работата ќе ја истуркаме до крај. Во еден сериозен и инклузивен процес, преку соработка со еснафските лекарски организации, експерти и со помош од Македонското здружение на млади правници, дојдовме до предлог – решенија кои овозможуваат не само да се скратат дискреционите права на директорите по клиниките, туку и да се обезбедат соодветни критериуми за да се вработат најдобрите, а не тие од партиските списоци.“, истакна претседателот на „Солуција“, Никола Димитров, при неодамнешниот брифинг за новинарите коишто ги запознавме со оваа акција.
Гоце Коцевски од Македонското здружение на млади правници ги објасни предлог измените:
„Тоа што ние го предлагаме не е ништо повеќе од она што веќе постои во другите институции од јавниот сектор, а тоа е пред сѐ јасно издвојување на процесот на селекција од процесот на избор. Процесот на селекција треба да го врши комисија во чија што независност и непристрасност никој нема да се сомнева – постојат повеќе модалитети за нејзино формирање, но битно е да не биде формирана само од страна на директорот, како што е сега. Предлагаме на директорот да му се ограничи дискреционото право, односно да биде обврзан да му го понуди работното место на оној кандидат што е прворангиран. Доколку не се согласува со одлуката на комисијата, да мора писмено да ја образложи својата одлука“, објасни Коцевски.
За овие законски измени “Замисли” и “Солуција” имаат поддршка и од ресорното Министерство за здравство, кое е отворено нив да ги смести во рамките на новиот Законот за здравствена заштита, што се подготвува.




Напишете коментар