Асад Груби

Артан Груби ги демантираше шпекулациите дека избегал од државата.

Поранешниот прв вицепремиер Артан Груби денеска се огласи преку објава на друштвените мрежи дека е на приватна посета во Косово. Неговата реакција доаѓа, откако низ социјалните мрежи се појави информацијата дека тој избегал од Македонија. Груби побара од јавноста да не се создаваат шпекулации околу неговото патување.

Шпекулации или не, јавноста со право реагира после болните искуства со бегањето на Груевски, отсуството од државата на поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, како и видни функционери на ДУИ кои во последно време, благодарение на болежливоста на нашите обвинители и судии, ја искористија ситуацијата навистина да избегаат од земјата. Како пребеганиот сириски диктатор Башар ал Асад во Москва, некогашните интегративци и прогресивци, а загусти, ја напуштаат државата.

Груби, можеби и е на патување, но ќе се согласиме, дека после поставувањето на црната листа на САД, и додека македонското обвинителство отвара случај за него и за судијата Беџети, најмалку соодветно од негова страна е да ја напушти земјата, макар и за приватни посети во соседно Косово.

Ваквото однесување на интегративците само го потврдува ставот дека ставањето на црната листа, и тоа како има свое влијание и значење. Деновиве видовме бројни политички аналфабети кои го минимизираа ставањето на Груби и негов судија на црната листа, па да наведеме зошто е важно.

Важно е затоа што се руши деструктивниот момент на ДУИ, им се пресекува петтоколонашката и дестабилизациска акција против Македонија, им се руши и потенцијалниот наследник на Али, се руши нивниот про-европски, про-амерички наратив и монопол како недопирливи и безгрешни. Им се тргаат рацете од судството кое заедно со СДСМ се уште го контролираат и преку обвинители и судии си пуштаат луѓе да избегаат или никогаш да не одговараат.

Но, најважно од се, е дека се рушат и ја губат поддршката од вечниот спонзор, Америка. Пораката не е дека само се коруптивни и криминални, што одлично го знаеме, туку дека се одвишни и непотребни повеќе, па дури и штетни. Сега и се дава ветер во грб на власта, да почне да се соочува со криминалот на оваа банда и да ги обезвласти и да им го одземе секој прилив на јавни или криминални пари. И нормално, да почне да ги апси. Има уште многу логики, но и вака е доволно. Затоа, и тоа како е важно што Груби е на црната листа. А да, им се испраќа и порака за тоа што ги чека СДСМ и да подразмислат со кого саделе или сеуште садат тикви. Сега е до власта да реагира.

Но, деструктивните акции на ДУИ, почнувајќи од политичката игранка околу Уставниот суд, преку предизвикувањето на етничка нетрпеливост за време на прославата на Албанското знаме, до последната информации дека висок функционер на ДУИ саботирал акција на МВР и пренесувал сензитивни информации до криминални групи, нема сами од себе да престанат. ДУИ е последната алка од некогашниот режим, клучен дел од власта која продолжи криминално да владее во коалиција со СДСМ и која денеска преку секаков вид на дестабилизација ќе бара начини како да се спаси од одговорноста и правдата.

Хипокризијата оди дотаму што ДУИ бесрамно форсира наратив и фрла магла врз своето однесување и минато, со бесмислени обвинувања до власта дека без сомнение го постигнала највисокото ниво на скандали, неспособност, криминал и корупција во толку краток временски период и се претворила во симбол на неуспехот и недостигот на одговорност пред граѓаните на земјата, како што велат од ДУИ. Оттука, ДУИ смета дека единствениот излез за спас на европската иднина на земјата е оваа Влада да отвори пат за враќање на мандатот кај граѓаните преку нови, предвремени избори.

Но, тоа што највеќе ме запрепасти во нивниот фалшлив наратив е ставот дека токму ДУИ ги повикува сите прогресивни сили и граѓаните на земјата да се обединат во борба за враќање на надежта и перспективата во нашата земја. Неверојатно е дека од ДУИ се уште ја имаат дрскоста да се презентираат како прогресивна сила, додека најблатантно работат против државните институции и етничкиот соживот.

ДУИ, како и СДСМ се уште не разбраа дека прогресивноста не може да биде само обичен слоган. Односно, ако гледаме стриктно терминолошки, прогресивизмот претпоставува и се базира и на одреден континуитет, но тој континуитет не може пак да се базира на криминал, партизација и етнички логики кои одат наспроти интересите на државата. Вистинските прогресивни вредности претпоставуваат општество и граѓанство коишто се отворени и инклузивни, но тоа е најмалку од палетата на пракси и далеку од какви било вредности или принципи кои ДУИ ги нуди на политичката сцена. Со други зборови, прогресивизмот откачен од секаква реална идеологија, од разликите помеѓу левица и десница, фатално се сведува на обична тактичност и политички опортунизам, каде и најкриминалните партии можат еднаш да бидат етнички, па зелени, па граѓански, и самите од ситуација во ситуација да одредуваат што е прогресивно, а што не. Таква е хипокризијата и популизмот на наводните Интегративци.

И како последна „прогресивна“ услуга на ДУИ кон Македонија ќе го наведам и нивното срамно однесување со помош на некои од соседите. Ахмети и ДУИ не се задоволуваат само надворешно да ја дестабилизираат и кочат земјата, туку веќе и отворено почнаа тоа да го прават и преку надворешни политички актери. Веќе некое време посетите на Ахмети во Албанија или посетите на албанските политичари во земјава послужија за нивно мешање во внатрешните работи на Македонија. Како што ќе забележи и почитуваниот Џевдет Хајредини, Ахмети, со помош и поддршка на Еди Рама и особено на претседателката на Собранието на Албанија, Елиса Спиропали, се обидува да ја избегне одговорноста за своите криминали и корупција, преку посетите на Тирана или интервенциите на албанските политичари во внатрешните прашања на Македонија.

Особено Спиропали за време на последната посета на Македонија како и пред неколку дена за време на посетата на Ахмети во Тирана си дозволи да коментира, па дури и да диктира како се надевала дека Законот за употреба на јазиците ќе биде целосно имплементиран. „Албанскиот јазик, барем за нас Албанците, е свет и истиот има врска со суштината на нашиот идентитет. Неговото кршење во која било форма, очигледно многу боли и го нарушува токму овој идентитет на кој му пристапуваме во овој голем свет, во регионот и пошироко, како наша вредност. Целосно ја препознаваме и ја разбираме загриженоста на албанскиот фактор за можноста од можни промени, во зависност од очекуваната одлука на Уставниот суд, но очекуваме дека ваквите нарушувања ќе имаат решение согласно духот што го диктира Охридскиот рамковен договор“ – ќе каже Спиропали. Музика за ушите на Ахмети, но и неумесно мешање во внатрешните работи на Македонија.

Како што и Хајредини ќе се запраша самиот, ваквите изјави и посети се резултат на слабата информираност на албанските политичари за состојбата во која се наоѓаат Ахмети и Артан Груби и нивната партија, или пак, се последица на нешто друго?!

Набрзо ќе откриеме, а до тогаш, ќе го регистрираме ова неумесно и не баш пријателско мешање на Албанија во внатрешните работи на Македонија, а во интерес на криминалното поведение на Ахмети, Груби и целата ДУИ.

SHARE

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *