Поранешната директорка на Токсикологија ќе враќа над 10 илјади евра за незаконски исплатените хонорари

Поранешната економска директорка на Клиниката за токсикологија Бесија Иљази, која призна вина за злоупотреба на службената положба и овластување затоа што незаконски ангажирала 17 хонорарци во оваа јавно-здравствена установа, сега со судска одлука е задолжена да ѝ ги врати на Клиниката парите што им ги исплатила на хонорарците.

Поранешната економска директорка на Клиниката за токсикологија Бесија Иљази, која призна вина за злоупотреба на службената положба и овластување затоа што незаконски ангажирала 17 хонорарци во оваа јавно-здравствена установа, сега со судска одлука е задолжена да ѝ ги врати на Клиниката парите што им ги исплатила на хонорарците.

Универзитетската клиника за токсикологија ја тужеше поранешната економска директорка и бараше материјална и нематеријална штета. Според пресудата на Основниот суд во Тетово таа треба да ги врати само парите исплатени за хонорарите по основ на материјална штета во износ од 659.831 денари. Материјалната штета била утврдена со вештачење на вештак економист.

Нематеријална штета Иљази нема да плати, затоа што Клиниката ја повлекла тужбата по овој основ, откако Иљази се согласила да ги плати сите можни трошоци кои произлегле од постапката.

Иљази беше назначена за организациска (економска) директорка на Клиниката за токсикологија во 2024 година, по што брзо се најде во центарот на вниманието. Дел од вработените реагираа дека управувањето со клиниката било проследено со бројни проблеми, меѓу кои зголемување на долговите, организациски застои и административни блокади. Меѓу нив беше и долгогодишниот универзитетски професор и лекар на клиниката проф. д-р Нико Беќаровски, инаку еден од главните поддржувачи и активисти на иницијативата на “Солуција“ и „Замисли“ за реформи во здравството.  Тој многупати досега говореше на панел-дискусиите организирани од двете граѓански организации токму околу злоупотребите на директорските функции во јавното здравство и катастрофалните последици што тие ги оставаат врз него.

Беќаровски и останатите вработени укажуваа и  дека директорката инсистирала на продолжување на договорите на лица ангажирани со договор на дело, додека истовремено постои недостиг од други неопходни кадри.

Иљази беше критикувана и од Здружението на новинарите откако на огласната табла на Клиниката за токсикологија на 21 мај 2024 година објави наредба со која на вработените им забрани да комуницираат со новинарите кои известуваа за незаконитостите и проблемите на Клиниката. Ваквата наредба, како што реагираше тогаш ЗНМ, претставува грубо прекршување на слободата на говор и професионалното новинарство, спротивно на Уставот. Цензурата во Македонија е забранета со член 16 од Уставот, а јавните здравствени установи и сите јавни институции во државата треба да обезбедат јавност во своето работење и да информираат за своите одлуки и работа, а не да забрануваат информирање за теми од јавен интерес, истакнаа тогаш од ЗНМ.

Во јуни 2024 година Министерството за здравство донесе одлука за разрешување на повеќе економски директори на скопските државни клиники, меѓу кои беше и Иљази.

Разрешувањето предизвика и политички реакции. Дел од политичките претставници тврдеа дека смената била неправедна или политички мотивирана, додека други ја оправдуваа како неопходна мерка.

Кратко по разрешувањето, против Иљази беше поднесена кривична пријава поради сомнение за злоупотреба на службената положба. Според наводите, како директорка склучила договори и исплатила средства на лица кои не биле формално вработени во клиниката, со што буџетот бил оштетен за околу 650 илјади денари.

Обвинителството поднесе обвинение за злоупотреба на службена положба, додека Иљази во јавни настапи ги негираше обвинувањата и тврдеше дека не сторила незаконски дејства.

Во 2025 година поранешната директорка призна вина пред Кривичниот суд во Скопје и доби условна казна, со што избегна затворска санкција. Покрај условната осуда, ѝ беше изречен и пробациски надзор.

Подоцна судот одлучи таа да ја надомести штетата, односно да врати околу 660 илјади денари исплатени како спорни хонорари за ангажирани лица во клиниката.

SHARE

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *