Фото:Matteo Millidi, via Unsplash

Каде плови бродот за Македонија?

Во Македонија, кога некој има знаење, достоинство и храброст – го тргнуваат. Кога не молчи, го цензурираат. Кога не се продава, го казнуваат. Тоа се случи со Ленче Ристоска.

Автор: Мартин Тасевски, магистер по казнено право

Тоа што се случи со Ленче Ристоска е срам за државата. За мене, тоа не е само црвен аларм, туку и доказ дека системот не бара квалитет, само – послушност.

Ленче Ристоска не е било кој обвинител. Таа е симбол на професионализам, отпор и морален интегритет. Јавноста ја знае како обвинителката која го отвори случајот „Таргет – Тврдина“, со што ја разобличи длабоката држава, масовното незаконско прислушување под палка на политички врвови. Кога другите молчеа, таа не се повлече. Кога моќниците ѝ се закануваа, таа продолжи.

Нејзината кариера не е изградена врз партиски клуч, туку врз работа, знаење и интегритет. Беше првата обвинителка што ја претставуваше Македонија во Eurojust, европското тело за координација на борбата против транснационален криминал. А кога Советот на јавни обвинители се обиде да ја дискриминира на база на пол, таа ги победи – правно и морално. Судот ѝ призна родово-базирана дискриминација и ѝ ја потврди правдата која Советот на јавни обвинители ѝ ја одзема.

А сега, имаме повторно удар. Власта без образложение, без транспарентност, без доблест, ја избриша листата со неа, ја девалвира функцијата и не му даде отчет на народот. Ниедна комисија, ниедна правна процедура, ни Советот на Европа не заслужуваат ваков шамар од држава која сака да биде дел од европското семејство, но очигледно сака да си носи слуги – не судии.

Уставниот судија Осман Кадриу, кој беше член на Комисијата што го вршеше изборот, смета дека не може да стане збор за неисполнување на предвидените услови, како причина за донесената владина одлука. Според Кадриу, Комисијата се водела од принципите на стручноста и моралноста на пријавените, а за да има квалитетен избор избраните кандидати требало да добијат минимум двотретинско мнозинство (6 гласа од 9 членови на Комисијата).

„Тројцата што се предложени од Комисијата, се избрани со двотретинско мнозинство, сметајќи дека ги исполнуваат условите“, изјави Кадриу.

Кои се условите за судија во Европскиот суд за човекови права (Стразбур)?

 

Според Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП), судиите мора да ги исполнуваат следните услови:

  1. Висок морален углед (high moral character)
  2. Да ги исполнуваат условите за висока судска функција во својата држава

(на пример – условите како за судија во Врховен суд или Уставен суд)

  1. Да бидат правници со призната стручност во областа на човековите права

(особено меѓународно право и конвенциска пракса)

 

Власта можеше и да добие поени

 

Срам е на Владата што бега од одговорност. Срам е на државата што ја пропушта шансата да испрати пред Стразбур судија кој ќе нè претставува со достоинство, знаење и храброст. Власта можеше да добие и политички поени, ако овде се покажеше голема. Оти ќе покажеше доблест и знак ќе беше тоа за сите граѓани дека сме излегле од времето кога вакви одлуки се носеа со партиски очила.

Зошто да се плашат од Ленче?

Оти го разбира системот одвнатре, и знае каде се дупките и злоупотребите? Се плашат од нејзиното знаење? Од нејзината совест? Од тоа што нема да потпишува тајни извештаи? Се плашат дека нема да се игнорираат апликациите за повреда на права на граѓани? Или затоа што нема да може да ја контролираат?

Да беше член на нечија партиска структура, и тоа на која било – Ленче ќе поминеше…

Да молчеше пред злоупотребите, ќе беше препорачана.

Да бираше каде ќе гледа, ќе ја нарекувавте „одличен кандидат“.

Но таа гледа сè, зборува сè, ѝ токму затоа ја елиминираа.

Ако државата продолжи да  одбива квалитет на сопственото правосудство – а Ленче тоа е – тогаш не плови овој брод кон Европа, туку назад во калта на самоволие, политички притисок и клиентелизам.

SHARE

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *