Зголемена поддршка за влез во ЕУ, но не по цена на уставни измени

Зголемената поддршка за македонските европски интеграции, што се покажа на последното Истражување на јавното мислење спроведено од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје, во соработка со Фондацијата „Конрад Аденауер“ и Центарот за европски студии „Вилфрид Мартенс“, се прекршува во една клучна точка – граѓаните се „за“ ЕУ, но никако не и за уставни измени – комбинација што (засега?) е далеку од реална.

Оптимистичките резултати од најновите истражувања на јавното мислење спроведено од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје, во соработка со Фондацијата „Конрад Аденауер“ и Центарот за европски студии „Вилфрид Мартенс“ ја одбележаа неделава – во 2025 значително се зголемила поддршката за членство во Европската Унија.

Според истражувањето, што беше презентирано во Собранието дури 71% од граѓаните би гласале за членство во ЕУ, доколку одлуката би се носела следната седмица – бројка што претставува зголемување од речиси 10 проценти во споредба со претходната година. Она што е значајно во ова истражување е што најголемата промена се забележува кај етничките Македонци, каде поддршката за членството во ЕУ има пораст од 15 проценти во однос на 2024 година, со што, иако се уште постои, намалена е разликата што беше карактеристична низ годиниве во поддршката за ЕУ помеѓу двете најголеми етнички заедници – македонската и албанската.

Паралелно со зголемената поддршка, се укажува и на пад на скептицизмот – се повеќе граѓани веруваат дека Македонија навистина ќе стане членка на ЕУ. Граѓаните, се чини, дека се и подобро информирани во врска со суштината на самиот процес на интеграција – повеќе од половина сега го гледаат процесот како усогласување на легислативата и воведување на европските стандарди.

И тука, граѓаните се оптимисти –  62 проценти од испитаниците сметаат дека во изминатата година е остварен барем одреден напредок во процесот на европска интеграција, а 40 проценти сметаат дека Северна Македонија е целосно подготвена за европското семејство. Во однос на тоа како граѓаните ја доживуваат ЕУ на глобалната сцена, тие сметаат оти Унијата е еден од најважните сојузници и економски партнери, ама и натаму ги сметаат Соединетите Американски Држави за некој што има најголемо влијание.

И додека поддршката за интеграција во ЕУ расте, нема поместувања на граѓанската волја во врска со потребните уставни измени за преговорите да вистински да почнат – само 24 проценти би прифатиле преговори со овој услов. И етничкиот јаз тука не е намален – додека за мнозинството етнички Албанци уставните измени за внесување на бугарското малцинство не се никаков проблем, за етничките Македонци, ова практично не доаѓа предвид – само 11 проценти ја даваат поддршка на оваа идеја

За Рокас и за Дрекслер резултатите се охрабрувачки

На презентацијата на истражувањето поздравни обраќања имаа Марко Трошановски, претседател на Институтот за демократија, Даниел Браун, директор на канцеларијата на Фондацијата „Конрад Аденауер“ во Скопје и потпретседателот на Собранието, Антонио Милошоски.

Трошановски посочи дека е задоволен од големиот интерес за презентацијата на истражувањето со порака дека земјава треба да ги мобилизира сите ресурси за европската цел:

„Разновидноста на политичките позадини на учесниците денес треба да биде норма и одраз на поширок државен консензус за пристапувањето во ЕУ. Во време на геополитичка нестабилност, ова не е момент за релативизација или поларизација, туку за мобилизација на сите ресурси кон европската цел“, истакна Трошановски.

Тој се осврна и на многу важен елемент од европските стандарди, посочувајќи  дека именувањето на кадрите мора да се води од принципот на заслуги и компетенции, а не од партиска или етничка припадност, бидејќи поларизацијата ја замаглува суштината и ја оддалечува државата од стратешките цели.

„Немаме повеќе изговори за обврските од Реформската агенда. Скрининг извештаите од ЕУ се нашата домашна задача и мора јавно и без калкулации да се впрегнеме во подготовката на сите државни ресори. Сè друго е пропуштена можност и изгубено време“, рече тој.

Милошоски истакна дека анализата е доказ оти граѓаните прават јасна разлика меѓу европската идеја и начинот на кој се водат преговорите, при што фрустрацијата е насочена кон условите, а не кон членството.

„Европската интеграција сè повеќе се доживува како заедничка, вредносна и безбедносна цел, а не само како економска можност. Клучна улога имаат политичарите, бидејќи довербата и поддршката зависат од одговорно лидерство и искрена комуникација со јавноста. Собранието преку Комисијата за европски прашања ќе продолжи да ги користи овие наоди како основа за дијалог и поодговорни политики“, рече тој.

Шефот на Канцеларијата на КАС, Браун овие резултати ги толкуваше како доказ дека нашите граѓани и економски и геополитички се ориентирани кон Европската Унија.

„Истовремено, треба да се земе предвид дека речиси половина од испитаниците се чувствуваат неправедно третирани во процесот на европските интеграции од страна на Европската унија. Но, во последните години резултатите на годишните анкети покажуваат константа според која повеќе од две третини од испитаниците го поддржуваат процесот на пристапување на земјата кон Европската Унија“, рече Браун.

На презентацијата беше присутен и евроамбасадорот Михалис Рокас, кој оцени дека резултатите се охрабрувачки во споредба со минатата година, нагласувајќи го растот на поддршката за членството во ЕУ, зголемената поддршка кај младите и намалувањето на разликите по етничка и политичка припадност во генералната поддршка.

„Неодамна бев во Брисел и позицијата е јасна. Важно е земјата да се обедини за да ги забрза реформите. Ве уверувам дека, без оглед на случувањата, заедно ќе ги надминеме проблемите. Не можеме да ја споредуваме оваа или минатата година со ситуацијата од пред пет години, меѓународниот поредок е променет. Сега прашањето е како да се изгради доверливо партнерство. Охрабрен сум што ЕУ е најдоверлив партнер. Се надевам дека следната година ќе имаме уште подобри резултати, не само во истражувањата, туку и во самиот процес на европска интеграција.

Завршно обраќање даде амбасадорката на Сојузна Република Германија, Петра Дрекслер која повтори дека процесот на пристапување е комплексен и затоа клучно е да се имаат сигурни и конзистентни податоци за перцепцијата на граѓаните.

„Живееме во период на тектонски промени со силно влијание врз нашата безбедност и иднина. Како Европејци и партнери со слични вредности, нашата сила е во безбедноста, конкурентноста и единството“, истакна Дрекслер.

Таа посочи дека и покрај разочарувањата од минатото и побавните од очекуваните одлуки, охрабрувачки е што е забележан застој во растот на евроскептицизмот .

Истражувањето на јавното мислење беше спроведено на национално репрезентативен примерок од 1.003 испитаници, во периодот од 22 октомври до 5 ноември 2025 година. Автори се Иван Дамјановски, професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ, Анамарија Велиновска, раководителка на Центарот за европски интеграции при Институтот за демократија и Кире Миловски, истражувач во овој Центар.

SHARE

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *