Живот швајцарски – скоро, па совршен

Три непријатни факти за пожарот во Кран – Монтана:

  • Да, не само што смее, туку мора да се каже дека швајцарскиот систем епски потфрли
  • Да, тоа не смее да биде оправдување за нашите гнили системи
  • Да, некој мора конечно да ја отвори темата за соодветна едукација на младите за евакуација и безбедност

 

Македонските граѓани, но и многу балкански (ако ги отворите социјалните мрежи и погледнете коментари) целосно влегоа во улогата на човекот во вицот со Зоолошката, каде кога тој прв пат гледа жирафа во живо, извикува дека такво животно не постои. Така и тие, како што доаѓаа информации за тешки пропусти на швајцарската држава, кои многу веројатно ќе се покаже дека се дел од причините, што доведоа до ужасната катастрофа и бројот на загинати во пожарот во Кран – Монтана, извикуваа дека тоа не е можно – па тоа е Швајцарија, лулката на редот и правилата, храмот на совршениот систем.

Но, дали ќе да е баш така?

Не. Очигледно не. Почнувајќи од дрската изјава на градоначалникот кој прашан за инспекциите во клубот, на новинарите од Дер Шпигел им „плесна“ – кои сте вие да ми поставувате прашања, а сѐ до сите досега објавени информации, кои откриваат дека клубот во подрум, „Констелејшн“ функционирал многу повеќе како балканска дупка, отколку како реномиран светски центар за забава.

Во сопственост на човек, кој е претходно осудуван за тешки кривични дела, реновиран без соодветни експерти, со еден и единствен излез, без соодветен аларм за пожар, без апарати за гаснење, без план и систем за евакуација, со пуштени малолетници внатре, со вкупен број на гости далеку над капацитетот, со сомнителни материјали за изолација, со пиротехнички акробации кои се опасност што чека да се случи… и така натаму, и така натаму…

Сето ова е далеку од нашата претстава за тоа како еден современ европски клуб треба да функционира, особено од аспект на најглавниот елемент – гарантирање на безбедност за гостите. Таму, очигледно, зад сета таа луксузна завеса со пијалаци од илјадници евра, скапи облеки и преплатени влезници, се криела темпирана бомба.

Ние, кои доаѓаме од Балканот, кога ќе се сетиме на нашите млади и луди години и нашите забави во разни балкански подруми, кога ги гледаме исходите од ваквите трагедии, денес веројатно се заблагодаруваме на ангелите чувари што сме успеале да остариме. Но, тешко дека некој од нас мислел дека опасностите кои нѐ демнеле низ нашите земји, можно било да нѐ демнат и во ретките моменти кога сме биле дел од европската клуб сцена. Оттука, разбирлива е неверицата со која се примаат овие информации за пропустите, кои за нас се незамисливи за една Швајцарија.

Но, тоа што не ни е верно не значи дека не постои. Уште помалку значи дека смее да се дозволи цензура и да се забрани да се објавуваат овие детали само за да се превенира нашите балкански власти да се обидат да ги искористат фактите за релативизација на нивните неуспеси во обезбедување на безбедноста на граѓаните.

Швајцарскиот систем епски потфрли. Факт. И тој факт смее и мора да се каже јасно и гласно.

Никој не вели дека корупцијата, алчноста, митото, заобиколувањето на редот… не постојат во развиените земји. Тоа е мит! И затоа е важно да се разбие, а не да се цензурира. Значи сите тие злоупотреби си постојат еднакво, веројатно и многу почесто од што постојат жирафи!

Корупцијата постои на Балканот, постои во Европа, во скапата и неутрална Швајцарија, во САД, во Африка, во Азија… корупцијата постои насекаде. И убива. Убива млади, стари, сиромашни, богати… Не пребира.

Одговорот на прашањето дали има корупција е еднаков на сите страни на светот. Одговорот на прашањето што прават државите и општествата за да ја контролираат, казнат и превенираат – не е.

Е сега, дали ќе има обиди за ставање на овој факт во пропагандните машинерии на Балканот? Па, секако! Зарем се сомневавте!?

Веќе можете да видите како на социјалните мрежи и Македонци и Срби и Грци се обидуваат да ја протуркаат тезата дека ако можело да се случи оваа катастрофа во Швајцарија, тогаш „нормално“ било да се случи и Кочани, и новосадската натстрешница и грчката железничка несреќа итн., итн…

Не, пријатели, нормално не е!

Неколку работи тука се клучни. Никој не вели дека корупцијата, алчноста, митото, заобиколувањето на редот… не постојат во развиените земји. Тоа е мит! И затоа е важно да се разбие, а не да се цензурира. Значи сите тие злоупотреби си постојат еднакво, веројатно и многу почесто од што постојат жирафи!

Корупцијата постои на Балканот, постои во Европа, во скапата и неутрална Швајцарија, во САД, во Африка, во Азија… корупцијата постои насекаде. И убива. Убива млади, стари, сиромашни, богати… Не пребира.

Одговорот на прашањето дали има корупција е еднаков на сите страни на светот. Одговорот на прашањето што прават државите и општествата за да ја контролираат, казнат и превенираат – не е.

И во овој одговор треба да лежи основата на нашиот развој. Дали ние имаме изградено систем којшто ќе обезбеди соодветна истрага за да се најдат вистински виновници кога има трагедија што не е дадена од Бога? Дали имаме систем, кој потоа ќе обезбеди неселективна казна? Дали имаме доверба од граѓаните кога тие процеси ќе завршат дека правдата навистина била испорачана? И конечно – дали потоа системот ќе изгради вистинска заштита за таква катастрофа никогаш да НЕ се повтори?

Ако одговорот на сите овие прашања е – не, тогаш ниту една балканска држава нема право да релативизира, што ќе рече – швајцарските работи можеме и требаме да ги анализираме, тие се, и тоа како слика и доказ за состојбите во светот денес од различни аспекти – алчност, мито, криминал… ние нив можеме да ги ставаме во контекст..  но, енергијата мораме да си ја насочиме кон средување на нашите општества. Без да идеализираме кои било други, а водејќи се од знаење, експертски анализи и главната идеја дека функционален систем мора да се изгради, оти ни треба нам, а не оти го има таму некоја друга „совршена“ земја.

Притоа, додека тоа го правиме, јас се извинувам, ама ќе мора да отвориме и уште една тема – дали и каква едукација имаме, за сите, а особено за младите за безбедност?

Ако на младите првиот инстинкт при пожар и сл. им е да снимаат со своите смартфони наместо да се спасуваат, тоа значи дека зависноста од „лајковите“ на социјалните мрежи е сериозен социолошки и психолошки проблем на коишто мора сериозно да работиме.

Кога се случи нашиот непребол со катастрофата во Кочани, низ македонските училишта, барем во оние кои ги знам, се направија дополнителни вежби за евакуација при пожар, како и едукативни часови за проценка на ризици, правење на безбедносен план и слично. И други години (иако не редовно) имало такви вежби. Но, тоа е малку и не е доволно. Одговорноста тука не е само во образовните институции, тука се и семејствата.

Времето во кое живееме, каде социјалните мрежи се еден од главните, ако не и доминантен фактор во идентитетот на луѓето, прави тие да се честопати повеќе присутни во виртуелниот, отколку во реалниот свет. Тоа мора да се признае и со тоа мора да се соочиме. Тоа очигледно не носи ризици само од аспект на психичкото здравје, социјалната интеракција, отуѓувањето и емотивните врски, туку има и безбедносна димензија.

Не станува овде нималку збор за обвинување на жртвите (не, не, не ви дозволувам таков дефокус), ниту за намалување на одговорноста за причините кои довеле до некаква катастрофа – туку за однесувањето кога таа веќе се случува. Ако само еден единствен живот може да се спаси благодарение на нечија присебна и соодветна реакција, тогаш тоа е доволно за да се фокусираме многу повеќе на изградбата токму на тие вештини.

Оти, иронијата е огромна – државите денес сѐ повеќе инвестираат во сопствената одбрана и безбедност, а човештвото сѐ повеќе станува збир од луѓе кои немаат знаење и немаат капацитет за проценка што значи макар и мал пламен во затворен подрумски простор.

Многу слични трагедии се случија низ светот, ама извлечените поуки очигледно се слаби. Време е конечно да стане јасно дека сите овие лекции – и за зајакнување на регулативата и редот; и за воведување на нови правила; и за убиствената природа на корупцијата; и за немањето утеха во нечие туѓо потфрлање; и за личната одговорност – ние сите мораме да ги научиме. И земјите како нас, со помалку изговори и земјите како Швајцарија, со повеќе скромност… Нова трагедија, во спротивност, ќе биде и повеќе од извесна. Неизвесен ќе биде бројот на жртвите и степенот на развој на државата каде таа ќе се случи….

SHARE

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *