
Според државните ревизори, евидентирани се нелогични и непостоечки трансакции, сметководствени записи без соодветна или со неверодостојна документација, како и незаконско постапување со благајната и платежните сметки.
Државниот завод за ревизија (ДЗР) во најновиот ревизорски извештај утврди сериозни неправилности во финансиското работење на АД Државна лотарија за 2024 година, како и основани сомнежи за злоупотреба на парични средства во готово. Според ревизорите, евидентирани се нелогични и непостоечки трансакции, сметководствени записи без соодветна или со неверодостојна документација, како и незаконско постапување со благајната и платежните сметки.
Во извештајот се наведува дека постојат сериозни индиции за незаконско работење, поради што ДЗР се воздржува од изразување мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи, а истовремено дава и неповолно мислење за усогласеноста со законската регулатива, интерните акти и воспоставените политики.
Ревизијата покажала дека во текот на 2024 година, на десет сопствени продажни места на Државната лотарија е остварен дневен пазар од продажба на лотариски и електронски игри на среќа во износ од 46.039.000 денари (746.970 евра). Иако законски постои обврска сите готовински приходи да се уплатат најдоцна до наредниот работен ден на платежна сметка, ваквата пракса не била почитувана. Во текот на целата година, уплата на „дневен пазар“ била извршена само двапати – во април и во декември.
Дополнително, ревизорите утврдиле дека овие уплати не потекнуваат од реално наплатен готовински промет, туку од средства кои биле подигнати од една, а потоа уплатени на друга сметка на друштвото, што отвора простор за сериозни манипулации.
Ваквата состојба била овозможена и поради тоа што во друштвото не се водела благајничка книга за секој ден со остварен промет, ниту постоела уредна документација за прием и предавање на готовината. Поради тоа, не можело навремено да се следат и евидентираат трансакциите, а прегледноста на дневниот пазар била целосно нарушена.
Иако систематизацијата предвидувала посебни работни места за благајник и раководител на сметководство, најголем дел од активностите поврзани со готовинските средства и нивното книжење ги извршувало едно лице – директорот на Секторот за финансии и сметководство. Воедно, внатрешната ревизија воопшто не функционирала, што дополнително придонело ваквите состојби да останат неоткриени.
Ревизорите утврдиле и дека истиот директор директно исплатувал аванси за мали добивки на дел од деловните соработници – околу 320 правни лица – во вкупен износ од 13.971.000 денари, без да го користи пропишаниот механизам преку Мастер дилер. Забележани се и случаи каде на ист ден биле вршени исплати и преку благајна и преку Мастер дилер, без јасна логика и оправдување.

Извор: Државен завод за ревизија
Во извештајот се отвора и прашањето за одговорноста на генералниот директор Александар Климовски, како и на надзорниот и управниот одбор, што претставува предмет и за натамошна истрага од страна на Обвинителството.
За готовинските одливи од 36.465.000 денари и приливите од 7.897.000 денари, поврзани со дадени и вратени аванси за исплата на мали добивки, ревизорите оцениле дека документацијата е спорна и неверодостојна. Ова е поткрепено и со писмени изјави од вработени, кои негираат дека наведените аванси биле примени или вратени, што дополнително упатува на можни злоупотреби и незаконско работење.
Каде отишле два милиони евра?
Преку анализа на трговските книги, централниот онлајн систем и интернет-платформата за игри на среќа, откриени се и нереални сметководствени записи за нелогични трансакции во вкупен износ од 122.490.000 денари (1.987.377 евра), што дополнително го зајакнува сомнежот за злоупотреба на јавни средства.
Кај инстант лотаријата, која во 2024 година опфаќала 12 различни игри, е утврдено дека евидентираниот неисплатен фонд на добивки е помал за 63.294.000 денари во однос на податоците од централниот систем. Ова отстапување не е во согласност со правилата на игрите и го доведува во прашање интегритетот и идната исплата на добивките.
За три инстант игри со награди во предмети (станови, автомобили и електрични скутери), ревизијата утврдила дека не постои соодветна сметководствена евиденција за набавените награди, дека набавките биле извршени и до 15 месеци пред одобрување на правилата од Министерството за финансии и дека не се евидентирани трошоци во десетици милиони денари, како и неискажани обврски во еден од случаите.
Во делот на маркетингот, во 2024 година се евидентирани трошоци за реклама, промоција и саеми од 220.823.000 денари (3.582.811 евра), што е десеткратно зголемување во однос на 2020 година. При увидот во јавните набавки, утврдени се неправилности во износ од 73.406.000 денари, вклучувајќи фактури без детални описи на услугите.
За настанот „Фан зона – Еуро 2024“ биле потрошени 14.109.000 денари, но ревизорите ја доведуваат во прашање оправданоста на овие трошоци. Дополнително, за осум телевизиски емисии, за кои се исплатени 2.723.000 денари, не постојат докази дека биле воопшто продуцирани.

Извор: Државен завод за ревизија
Во текот на годината е набавена опрема во вредност од 26.620.000 денари без уредна документација за прием, а дел од опремата не одговара на договорените технички спецификации. Со пописот за 2024 година е утврден и кусок на опрема во вредност од 3.722.000 денари.
Посебен сегмент претставуваат и сомнителните трошоци за закуп, кои во однос на 2020 година се зголемени речиси тринаесет пати. Податоците од ЕСЈН покажуваат дека во 2024 година повеќе од половина од јавните набавки биле спроведени со само една понуда, што укажува на сериозен недостиг од конкуренција.
Ревизорите утврдиле и дека во 2024 година биле ангажирани 195 лица со договори за дело, од кои 75 воопшто не доаѓале на работа, а за нив биле исплатени 14.911.000 денари. Неправилности се забележани и кај службените патувања во странство, во износ од 6.041.000 денари.
Извештајот нотира и низа други пропусти: несоодветно водење на сметководствената евиденција, нецелосен попис, неосигурен имот, како и неизвршена ревизија на годишниот извештај за работа.
За сите констатирани состојби, Државниот завод за ревизија веќе ги известил Министерството за внатрешни работи и надлежното Обвинителство.
Да потсетиме дека откако ВМРО-ДПМНЕ заедно со коалициските партнери ја презедоа власта кон средината на 2024 година, против поранешниот директор на Државната лотарија Перпарим Бајрами, поставен од тогаш владејачките СДСМ и ДУИ, поднесени се пет кривични пријави за злоупотреби на службена должност, јавни набавки, итн. Бајрами од крајот на 2024 година е во бегство, како и поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, со кого што заедно се сомничат за проневера на осум милиони евра од Државната лотарија за набавка на ВЛТ апарати.




Напишете коментар