Деконструкција на партиски изборни наративи

СДСМ не е само поразена и понижена, таа е де факто во распад. Тоа е најдоброто што може да му се случи на ВМРО – ДПМНЕ. Тоа е и најлошото што може да му се случи на ВМРО – ДПМНЕ.

„Ако историјата ве учи нешто, тоа е дека ако се самозалажувате пред фактите тогаш сте глупави“ – Роналд Реган

 

Има нешто природно и човечко да се воздржувате од критики таму каде некој е смачкан со земја. Нема ништо витешки во тоа да се критикува СДСМ, која на првиот круг од локалните избори, помина катастрофално, откако и на минатите парламентарни имаше најлош резултат во историјата. Но, кога главните ликови на оваа партија ќе се дрзнат да излезат пред јавноста и со една невидена ароганција, наместо да преземат одговорност, да нѐ прават недоветни и да нѐ убедуваат дека тие всушност имаат и причини за славење, тогаш јасно е оти на витештвото не му е ни место во оваа јавна размена. ВМРО – ДПМНЕ „згази“ на овие избори и по бројот на освоени градоначалнички места и по бројот на гласови во однос на советите. Тоа е факт јасен како бел ден. ВМРО – ДПМНЕ освои 33 градоначалнички места, СДСМ победи само во три општини. Во битката за советите, ВМРО – ДПМНЕ освои 301 илјада гласови. СДСМ освои само 125 илјади. Толку.

Како е можно некој при здрав разум овие бројки да ги претстави како добра вест за СДСМ, тоа прашање веројатно не е само за политиколози и социолози. Да мислите дека ќе направите шашма во јавноста ако ги пуштите вашите главни ликови да трубат дека нивната партија галопира напред и дека ова се катастрофални резултати за власта само затоа што ВМРО – ДПМНЕ имале помалку гласови споредено со парламентарните избори, тоа е непознавање на правилата на игра во овој изборен систем, потценување на гласачите, но и плукање в лице на демократијата и основите на политичката култура, кои налагаат на победникот да му се честита без вакви манипулации. Плукање в лице е и на сите рационални членови на партијата, кои со право, од некој, кој се самодекларира за европски и прогресивен, очекуваат преземање на одговорност за овој ужасен пораз, особено во главниот град, каде нивната кандидатка не успеа да се пласира ниту во вториот круг.

Ќе повторам, просто непријатно и тажно е да се анализираат постапките на оваа партија, навистина понижувачки е за кој било што воопшто треба да се „разбиваат“ нивните евтини спинови и да се толкуваат очигледностите. Затоа за нив – доволно. Од начинот на којшто СДСМ реши да се постави кон изборните резултати, јасно е дека таа партија само дополнително ќе пропаѓа и дека таму во догледно време, нема да има „материјал“ за реформа и кревање од пепелта.

Тоа нѐ води до следниот момент…

 

Левица нема да го победи ВМРО – ДПМНЕ

Политичката партија „Левица“ славеше после првиот круг. За разлика од СДСМ, тие имаат објективни аргументи. Нивниот кандидат за градоначалник на Скопје, Амар Мециновиќ, влезе во вториот круг, депласирајќи ја Каја Шукова од СДСМ и создавајќи една нова политичка реалност каде битката за главниот град за прв пат нема да се води меѓу двата етаблирани противници. Исто така, во однос на вкупниот број на освоени гласови споредено со претходните локални избори Левица е во благ пораст со 7000 гласови (да, да генијалци од СДСМ – во политиката така се споредуваат резултатите!)

Но, зошто и Левица нема право да се занесе во славењето? Прво, факт е дека кога се локални избори во прашање, голема улога во остварениот резултат, има самиот кандидат. За разлика од парламентарните, каде поради изборниот модел луѓето гласаат главно за партиите, кај локалните, колку и да е тоа застапено, сепак не е небитно каков човек имате за кандидат за градоначалник. Левица во Скопје настапи со Мециновиќ, кој отстапува од партиската слика, па и од генералната политичка слика во Македонија. Тој е релативно ново лице, без багаж и афери, харизматичен, ведар, талентиран говорник, кој внесе свежина во јавниот дискурс и имаше навистина симпатична и модерна кампања. Оттука, бројот на освоени гласови, во голема мера се должи на неговата личност. Второ, во однос на вкупниот број на гласови, Левица сепак не е пред СДСМ и коалицијата за да може да се претстави како втора политичка сила во македонскиот блок. Да, во Скопје тие се втори и тоа е неспорен успех, но тие сепак имаат двојно помалку од СДСМ, па и тука тезата дека тие се сега главната опозиција е манипулација.

Конечно, македонското општество има јасен консензус на огромното мнозинство граѓани дека Северна Македонија ги има евроинтеграциите како стратешка цел заедно со вредностите на Западниот слободен свет. Додека е тоа така, непомирливоста на оваа партија со народната волја е една од причините зошто тие никогаш нема да бидат соодветната алтернатива за која било власт, или пресликано во дадениот контекст ВМРО – ДПМНЕ никогаш нема да биде поразено од Левица.

Тоа нѐ носи до следниот момент…

 

Филипче е најдоброто што може да го посака ВМРО – ДПМНЕ

ВМРО – ДПМНЕ е апсолутен победник на овие избори, победија во најголем број општини уште во прв круг, вклучувајќи го и бастионот на СДСМ – Струмица, каде после 20 години тие имаат победник. Во главниот меѓу главните центри за битка, Скопје, пак, нивниот кандидат Орце Ѓеоргиевски има освоено далеку повеќе гласови од Каја Шукова и Амар Мециновиќ заедно и несериозно е да не се прогнозира негова победа во вториот круг. По бројот на гласови на советнички листи, ВМРО – ДПМНЕ има подобар резултат и во однос на гласовите што ги имаат освоено на последните локални избори – околу 10 илјади во плус, што е прилично солидно имајќи предвид дека партиите на власт на локални тешко „одат напред“. Овие резултати се ветер в грб за политиките на партијата и потврда за поддршката од граѓаните. Оттука, оваа партија има целосно право да ги слави своите резултати, се разбира, со полна свесност за тоа дека кога во една демократија имате власт на сите можни нивоа, тоа значи и исклучителна одговорност и крај за каков било изговор спакуван во познатата „ за тоа немаме надлежност“.

Следниот ден после објавувањето на резултатите, од ВМРО – ДПМНЕ не одолеаја на искушението да не „фатат сеир“ на сдсмовската одлепеност од реалноста, па потенцирајќи ја катастрофата во резултатите за опозицијата побараа одговорност од лидерството и оставка од лидерот на СДСМ, Венко Филипче. Но, зошто ова е (свесна или не) манипулација? Многу просто – па за ВМРО – ДПМНЕ нема ништо подобро од ова раководство на СДСМ. Ваквото водење на опозицијата е гаранција дека ВМРО – ДПМНЕ може да биде комотна во својата позиција. Оваа и ваква СДСМ никогаш нема да биде закана за нив. И тоа не толку од причина што самата СДСМ е повеќе од слаба, колку од причина  – што таа нема никаква моќ да анимира други здрави сили. ВМРО – ДПМНЕ ретко, ако не и никогаш не успевало да изгуби поради разочараност меѓу своите членови или поради ептен силна опозиција. Тие губат тогаш кога има масовна мобилизација на неопределени, независни граѓани (повеќето барајте ги таму меѓу 60 проценти кои не се појавуваат на гласачките места). Ваква СДСМ никогаш нема да може нив да ги извади од дома. А, како што видовме, тоа тешко им оди и на понудените „непартиски партии“ на кои им фали и знаење и искуство, и човечки потенцијал и лидерство за вистински партиски мегдан. Затоа, оваа катастрофа од власт на Бихаќка е најдоброто што може да му се случи на ВМРО – ДПМНЕ. А истовремено и најлошото – прво, оти апсолутната  власт што нема кој сериозно да ја предизвика умее да создаде не само опасни трендови за демократијата, туку и една опасна занесеност. А второ, таа може да предизвика, порано или подоцна, опозициско будење, дали на самата СДСМ или на некоја нова сила или групација. Сето ова значи, дека ВМРО – ДПМНЕ треба да внимаваат што посакуваат кога бараат оставка од Филипче.

Нешто друго што мора да се спомене, а каде ВМРО – ДПМНЕ успеа навистина да направи бум на овие избори, настрана односот со СДСМ, е односот со ДУИ. Откако вечниот лидер, Али Ахмети самобендисано му порачуваше на Христијан Мицкоски, дека тој и само тој е главниот политичар во земјава што дочекува и испраќа премиери, изборите му ја плеснаа в лице вистината дека таа практика завршува – и тоа внимавајте, токму со Мицкоски!

И тука доаѓаме до последниот момент…

 

Парламентарни избори? Псе јо!

 

Откако заминаа во опозиција, после „сто години“ власт, ДУИ не престанаа да ја трујат македонската јавност со наративот дека ВЛЕН (кои имаа помалку гласови на претходните парламентарни избори) не се легитимни претставници на Албанците. Нивните главни политички ликови и дома и по сите амбасади, врескаа дека во земјава има „албанофобија“, оти по нивната логика, не смее ниту една друга политичка партија од „албанскиот блок“ да биде власт. Додека се тие на власт, во земјава тече и мед и млеко и албанофилија, а ако тие паднат – тоа не е поради нивните ужасни политики, туку едноставно од чиста омраза кон Албанците. Врз овој наратив, тие ја градеа и кампањата за овие избори, претставувајќи ги како „историски“, играјќи на таа карта дека ќе победат во главните „албански центри“ и дека таа победа ќе ја искористат за да предизвикаат вонредни парламентарни избори, погодете зошто – се разбира, за да се вратат на власт и да бидат во коалиција со „главните ширачи“ на „албанофобија“ ВМРО – ДПМНЕ. Тие одеа наоколу, брифираа странци и новинари дека ќе „растурат“ на изборите, а особено на местото каде се одвиваше главната тепачка Чаир, каде ДУИ се истакнаа со лицето на „проевропските сили“ Бујар Османи. Ама, господинот Османи доживеа дебакл – тој не само што изгуби, туку изгуби уште во првиот круг. Со ова фијаско, а заедно и со бројот на освоени градоначалници, ВЛЕН не само што слободно може да слави и да прогласи победа, туку успее и да ја разбие манипулацијата дека тие немаат поддршка од албанските гласачи.

Дел од политичарите на ВЛЕН сега сигурно се пред искушение – дали да одговорат на фрлената ракавица од ДУИ и оваа победа да ја искористат за „газење“ на предвремени парламентарни избори. Тоа сигурно го помислуваат и во ВМРО – ДПМНЕ, особено имајќи предвид и еден „технички“ момент во однос на Бадентеровото мнозинство на парламентот. Да имаме предвремени избори, а актуелната гарнитура да си ги зацврсти позициите, политички потези што екс премиерот Груевски, на пример, ги имаше богами усовршено.

Но, без разлика колку се ова легитимни политички калкулации, сериозна и одговорна политика тука би одолеала на овие искушенија.

Првиот круг од гласањето заврши. Кај и да е ќе помине и вториот. Горе – долу, математиката е таа, бројките се тие.

Половина година Македонија потроши на партиски игри без граници посветени на локалните избори, на сметка на многу сериозни процеси и реформи дома. Сите овие наративи, сите манипулации што ги разбивме, сите меѓусебни пресметки, подметнувања, напади и контра напади, сета битка и сите дефокуси – сето тоа Македонија ја личи – во кампања. Ама, државата нема луксуз да оди од кампања во кампања. Нам ни требаат политики!

Оти, имаме доста ѓубре за чистење, дечки … и вистинско и во метафора. А сега веќе нема да има дилема кој ќе биде крив ако тоа продолжи да смрди…

SHARE

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *