Активисти
Кристијан Фидановски
е истражувач на Виенскиот институт за економски анализи (WIIW), каде ко-координира мрежа на организации посветени на намалување на пушењето во осум(југо)источноевропски држави.
Кристијан од неодамна е доктор по социјални и демографски политики од универзитетот Оксфорд, каде ги проучуваше политиките за стимулирање наталитет во Европа. Има магистрирано во областа политички науки и меѓународни односи на универзитетот Џорџтаун во Вашингтон, а има дипломирано во истата област на Универзитетскиот колеџ Лондон (UCL).
Покрај демографијата и јавното здравје, негови професионални интереси се и изборните системи, евроинтеграциските процеси и билатералните спорови. Надвор од академската фела, Кристијан извршува(л) консултантски ангажмани за The Economist Intelligence Unit, Oxford Analytica, Ipsos и United Nations Fund for Population Activities.
Автор е на десетици академски трудови, анализи и колумни на македонски, англиски и италијански јазик. Кристијан е дел од Замисли од самиот зачеток, обидувајќи се да придонесе кон поправедно општество под мотото „Вистинскиот предизвик е дома“.
Катерина Синадиновска
дипломирала новинарство на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 2008 година.
Таа е автор и уредник на телевизиската емисија “Агенда 35”, медиумски проект посветен на реформите потребни во процесот на интеграции кон Европската Унија.
Во 2022 таа станува еден од коосновачите на Балканскиот центар за конструктивни политики “Солуција”, каде е одговорна за медиумските проекти.
Синадиновска во 2015 година е еден од основачите на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ). Исто така е избрана за Претседател на Управниот одбор на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ). Во март 2018 година Катерина повторно е реизбрана за Претседател на Управниот одбор и доделен и е нов мандат на оваа позиција.
Синадиновска претходно била заменик главен и одговорен уредник во економскиот неделник „Капитал“.
Во овој неделен весник тоа работи од 2010 година, најпрво како новинар на теми од сферата на политичкиот живот, а подоцна од 2012 и како уредник на одделот за внатрешна и надворешна политика во овој неделен магазин.
Претходно, пред започнувањето на професионалниот ангажман во „Капитал“, Катерина својата професионална кариера како новинар ја надоградува во две национални телевизии, најпрво во ТВ Алфа, а потоа и во Канал 5. Исто така во периодот од 2004 до 2006 година таа има работено и како новинар во дневниот весник „Вечер“.
Таа учествувала и била дел од голем број на работилници и тренинзи за професионален развој и конференции, спроведувани во рамките на Македонија и во други држави, со посебен фокус на слободата на изразување во медиумите, граѓанските слободи и демократијата, медиумската етика и писменост и политичкото и бизнис влијание врз медиумскиот и граѓанскиот сектор.
Д-р Артан
Лимани
е специјалист за образование со богато искуство во истражување на високото образование, развој на политики и унапредување на квалитетот. Неговата работа опфаќа национални, регионални и меѓународни ангажмани, каде што придонесувал како универзитетски предавач, истражувач, оценувач и консултант. Посветен на зајакнување на системите за високо образование, тој одиграл значајна улога во иницијативи кои промовираат квалитет, еднаквост и институционална трансформација.
Како дел од Замисли, д-р Лимани изработил драфт солуции за реформски политики за модернизација на Агенцијата за квалитет во високото образование во Северна Македонија, обезбедувајќи нејзина усогласеност со стандардите на Европската област за високо образование (EHEA). Исто така, работел на изготвување на солуција за зајакнување на факултетите за педагогија, со цел да станат центри за доживотно учење за своите алумни. Неговото истражување е фокусирано на клучната улога на високото образование во градењето посилна демократија, со посебен акцент на неговиот потенцијал да придонесе кон демократскиот развој на Македонија.
Повеќе за работата и постигнувањата на д-р Лимани можете да прочитате на неговата LinkedIn страна: https://www.linkedin.com/in/artan-limani-phd-85b88466/
Д-р Огнен
Вангелов
докторирал политички науки на Универзитетот Квинс во Канада и моментално предава на Факултетот за политички науки при Универзитетот Американ колеџ – Скопје. Тој е исто така истражувач во Центарот за проучување на демократијата и разновидноста при Универзитетот Квинс. Во периодот од 2020 до 2024 година бил член на Заедничката мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања меѓу Република Северна Македонија и Република Бугаријa.
Претходно, предавал на Универзитетот Етвеш Лоранд во Будимпешта, Универзитетот Индијана во Блумингтон, ИНАЛКО во Париз и Универзитетот Квинс во Канада, стекнувајќи богато искуство во наставата и истражувањето на прашањата поврзани со демократијата, етничката политика и национализмот.
Како автор на извештаите за Северна Македонија во Freedom House Democracy Index за 2022, 2023 и 2024 година, д-р Вангелов придонесе со длабинска анализа на демократските трендови во земјата, опфаќајќи прашања како што се владеењето на правото, слободата на медиумите, и институционалната стабилност.
Неговите научни трудови се објавени во водечки меѓународни академски и стручни списанија, каде што дава придонес кон пошироката дебата за демократијата, политичкиот плурализам и иднината на етничките односи во регионот.
Никола Димитров
е искусен македонски дипломат, тинк-тенк аналитичар и активист за демократија и правна држава. По кризата во 2001 година, кога беше советник за национална безбедност на Претседателот Трајковски, беше амбасадор во САД каде ја презема и должноста главен преговарач за прашањето на името со Грција. Тој исто така беше амбасадор во Хаг и ко-застапник на Република Македонија пред Меѓународниот суд на правдата.
Напуштајќи ја дипломатијата на почетокот на 2014 година, Димитров се придружи на Хашкиот институт за глобална правда како истакнат член.
Како министер за надворешни работи (2017-2020) тој беше главен преговарач и потписник на Преспанскиот договор, што го овозможи членството во НАТО и одлуката на ЕУ за отворање на пристапни преговори со Северна Македонија (2020).
Тој беше избран за пратеник во Собранието во 2020, преземајќи ја должноста Вицепремиер за европски прашања до јануари 2022 година.
Димитров магистрираше правни науки на Универзитетот во Кембриџ во 1998, дипломирајќи на Правниот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј како студент на генерацијата во 1996 година.
Тој е претседател и ко-основач на Балканскиот центар за конструктивни политики – Солуција, нерезидентен член на Институтот за хуманистички науки во Виена, член на Европскиот совет за надворешни односи, член на БиЕПАГ и на меѓународниот советодавен одбор на Белградскиот центар за безбедносна политика.
Никола Писарев
е историчар на уметноста и археолог, магистратура по односи со јавност и стратешки комуникации на Високата школа за односи со јавност во Скопје. Во 2018 година ја завршува Школата за уметнички активизам во Њујорк, во организација на Центарот за уметнички активизам (New York, USA). Тој е основач на групата „Урбани уметнички акции – Урбана герила“, формирана во Скопје.
Во моментов работи како програмски директор на Центарот за современа уметност – Скопје, а повеќе од 25 година активно работи на проекти посветени на подобрување на културниот и општествениот живот на заедниците во Македонија и поширокиот регион на Западен Балкан. Се смета за еден од пионерите во креативниот активизам на европско ниво, комбинирајќи уметност и комуникации за решавање на различни проблеми во заедницата и иницирање општествени промени.
Писарев е автор на бројни проекти како што се PhotoVoice, Mobile/Montage Gallery, Citizens Activator, Rural Communities Culture, како и Урбани уметнички акции, еден од најпрепознатливите проекти на граѓанските организации во историјата на Македонија.
Основач е и на повеќе значајни граѓански иницијативи, како што се „Го сакам ГТЦ“, Иницијативата за спас на реката Радика, Иницијативата „Арсена“ за чиста вода за пиење во Гевгелија. Покрај активизмот, Писарев е автор на бројни статии од областа на културата, урбанизмот, социјалната антропологија и граѓанскиот активизам, со што дава значаен придонес во овие дисциплини.
Ивор Мицковски
е политички аналитичар и советник, колумнист и новинар специјализиран за надворешно-политички прашања. Студирал политички науки, меѓународна политика и историја во Рим, Италија.
Во Македонија од 2006-та година, професионалната кариера ја започнува како телевизиски новинар во А1 телевизија, работејќи како деск-новинар и одговорен за меѓународна политика и вести од светот. Во меѓувреме пишува политички анализи за неделникот Глобус Магазин и станува редовен неделен колумнист на Утрински Весник.
Од 2008-та година активно работи во Центарот за комуникации на СДСМ како одговорен за политички маркетинг, ПР и политички советник, аналитичар, организатор на настани и логистика, говорник и обучувач за јавни настапи, координатор на социјални мрежи и нови медиуми, и генерално како посветен поединец и активист во борбата против тогашниот владин режим.
Мицковски низ годините ќе пишува за бројни медиуми и интернет портали меѓу кои и Окно и Плусинфо, ќе работи како политички советник и повторно телевизиски новинар, овој пат во ТВ Телма. Последните шест години е редовен колумнист на Дојче Веле и Економија и Бизнис. Работи и како истражувач за емисијата Радиус на продукција ОХО.
Преку Замисли ја реализира својата заложба и посветеност кон јавното добро, за демократско и плурално општество и за солидарна заедница обединета преку критичката мисла.
Д-р Мијалче
Мики Минов
завршува Факултет за Радиологија на ВМИ, Пловдив-Бугарија, а постдипломски студии за Физички Принципи и Клиничка Апликација на Магнетната Резонанца на “London City University” во Лондон, Велика Британија.
Во кариерата ќе извршува бројни професионални задолженија, започнувајќи од радиолошки технолог во македонското јавно здравство, па се до раководител на одделот за Магнетна Резонанца во Империјал Колеџ во Лондон, каде што директно ќе биде одговорен за безбедноста, квалитетот и изборот на кадар. Во меѓувреме негов главен фокус ќе биде магнетната резонанца и нејзината примена во клиничка пракса.
Во периодот додека е одговорен на одделот во Империјал Колеџ, паралелно се усовршува за Менаџмент во јавното здравство (NHS) на универзитетот “Imperial College London, UK” и од тогаш дополнително се занимава со креирање и имплементација на здравствени политики во јавното здравство – NHS.
Моментално работи во болницата Kings College Hospital во Лондон како задолжен за клиничка едукација и усовршување на здравствените политики и регулативи во областа на радиодијагностиката
Доктор Минов е активен член на: Англиското Здружение на Радиографери (SOR), Македонското Здружение на Радиолошки Технолози (ЗРТМ), Европското Здружение за Радиологија (ЕSR), Европското Здружение на Радиолошки Технолози (EFRS).
Воедно е дел од невладината организација “Солуција” и екипата на “Замисли”, каде што го координира тимот што се залага за суштински промени во здравството.
Д-р Борјан
Ѓузелов
е политиколог, истражувач и експерт за антикорупција и добро владеење. Тој има докторирано на Квин Мери Универзитетот во Лондон каде што работел и како асистент.
Автор е на повеќе научни и стручни публикации и соработувал со повеќе универзитети, организации и фирми вклучително и Универзитетскиот колеџ во Лондон, Кралскиот колеџ во Лондон, Вестминстер фондацијата за демократија, Националниот демократски институт, Отворено владино партнерство, ОБСЕ, УНДП, Хелветас и други.
Моментално работи како независен консултант и виш истражувач во Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ Скопје.
Лепосава Огњаноска
е доктор на правни науки од областа право на ЕУ и европски интеграции на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Нејзиното професионално искуство опфаќа ангажмани во тинк-тенк секторот, правосудството, владините институции и академија, како и консултантски ангажмани за меѓународни институции и корпорации.
Авторка е на научни и стручни публикации со фокус на владеењето на правото во политиката на условеност на ЕУ, како придонес кон македонските европски интеграции и проширувањето кон Западен Балкан.
Лепосава е стипендистка на повеќе престижни програма во областа на европските интеграции и меѓународните односи, како Study of the US Institutes програмата за надворешна политика на Стејт Департментот спроведена преку Универзитетот на Делавер САД и WEASA програмата при Колеџот на Европа во Натолин, Полска.
Водејќи се од изреката „Домот е таму каде што боли“, се приклучува кон иницијативата „Замисли“ заради вредносна идентификација и остварување на граѓанска заложба за општество засновано на владеењето на правото, во функција на јавното добро дефинирано низ уставните постулати на државата.






